Прва работна конференција за извоз за 2012
Во рамките на првата работна конференција за извоз за 2012, на тема „Како и каде повеќе и подобро да извезуваме“ во организација на Капитал Медиа Груп, учество зедоа македонски компании кои го креираат извозот во земјата меѓу кои и Адинг. Целта на конференцијата беше да им се помогне на извозните компании во Македонија да го зголемат извозот, да ги подобрат извозните капацитети и да најдат нови и потенцијални извозни пазари.
Конференцијата ја отвори г-дин Ваљон Сараќини, министер за економија на Република Македонија, а свое излагање имаа и претставници од министерствата за земјоделство, надворешни работи, Царинската управа на Македонија, Македонската банка за поддршка на развојот, Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот и повеќе македонски извозни компании и банки.
За искуствата на Адинг од пазарите во странство зборуваше Горан Јовановски, директор на неколку наши претставништва во различни периоди.
„Водејќи се од фактите дека на западните пазари тешко се пласира “памет“ спакуван во вид на готов производ и дека најголемите светски корпорации за производство на градежните материјали, потекнуваат од тие западни земји, природно беше Адинг да се заврти кон источните пазари, земјите на бившиот Советски Сојуз како и земјите на Блискиот и Среден Исток, каде што Југословенскиот производ години наназад беше етаблиран како квалитетен производ и добро прифатен на тие пазари. Сепак Адинг преку својата фирма АДИНГ БУГАРИЈА и фабриката во Перник, Р.Бугарија влезе на пазарот на Европската Унија.“ – сподели Јовановски.
„Проблем преставува освојување на пазарите. За успешно водење на таа борба, потребни се големи финасиски средства, олеснување на сите бариери на билатерален план како што се визниот режим, царинските стапки, двојното оданочување, како и силно лобирање кај високи државни функционери и институции, што подразбира да е потребна силна логистичка поддршка од матичната држава. За жал, на многу од пазарите каде Адинг години наназад е присутен, може да се каже дека е во функција на “амбасадор“ на нашата држава, што доволно кажува за поддршката која ја имаме на тие пазари.“